Добар ден! Се враќам по вторпат за да ги споделам моите искуства со iborn во мојот втор месец како практикант. Ако ве мрзи да читате, едноставниот одговор е дека моето искуство, како и за време на првиот месец – беше прекрасно.
За останатите, еве што сè правевме за време на вториот месец: добивме ново податочно множество, го анализиравме и го обработивме со цел да имплементираме различни видови модели и за да видиме со кои од нив добиваме најдобри резултати. Од сите нив, моделите со кои работев најмногу се следните: ARIMA, SARIMA, XGBoost, CatBoost и LightBoost. Преку оваа работа, добив интересни резултати со кои можеме да доловиме потенцијално важни заклучоци.
Но, тоа е само техничкиот дел. Делот кој можеби е поважен за мене како практикант и потенцијално за секој со интерес во практиканство и работна позиција во iborn е делот на самата култура на фирмата, која сум среќен да признаам, како и за време на првиот месец е полна со љубезност, добредојденост и нега. Во споредба со одреден дел на други фирми во кои имам одржувано практиканство, во iborn, за среќа, го има тоа ретко чувство – да сакаш да одиш на работа секое утро. Голем дел од ова се должи на моите колеги, со кои се имам спријателено и меѓу кои постои постојана состојба на почит и разбирање. И поради ова, ми е мило.
Тоа е моето искуство за вториот месец. Се надевам дека вака ќе продолжи и во третиот месец и, до тогаш, поздрав и се слушаме наскоро.
