Дневникот на Анастасија Богдановска

Здравo, пак јас!

Се ближи крајот на вториот месец од мојата пракса кој беше исполнет со нови и интересни таскови, дружби и нови предизвици. Овој период за мене значеше постојано проширување на обврските и конечно добив можност да ги имплементирам моите теоретски знаења низ практична работа и навистина можам да забележам прогрес. Овој месец завршив со слушање на курсеви и стекнав поголемо знаење за Postman, TestRail, Мodel Based Testing, ТestModeller.io и XState. Имав можност материјалот кој го учев и информациите кои ги собирав од сите курсеви да ги применам за тестирање на вистински фичери. Добив прилика да тестирам мануелно и со корисење на Cypress и ТestRail извршив автоматизирано тестирање поврзано со резервација на хотели и до сега можам да кажам дека ми претставува најинтересниот дел од праксата.

При самото тестирање се соочив со неколку предизвици, но со малку труд и напор успеав да ги совладам без големи потешкотии. Сакам да се заблагодарам на мојот ментор Стефан, кој со неговите насоки и поддршка ми помогна да ги надминам сите предизвици и од првиот ден направи да се чувствувам добредојдено.

QA тимот, останатите колеги и атмосферата која владее во ИБОРН придонесоа да се осетам прифатено, секогаш биле достапни кога сум имала потреба да се консултирам и секако за добар кафе муабет. Откако почна да се ближи крајот на вториот месец добив можност за вработување и официјално придружување на тимот на ИБОРН. Самото вработување претставува нови одговорности кои со нетрпение чекам да ги соочам и ми даваат дополнителна мотивација за да го остварам мојот потенцијал како добар QA тестер!