Дневникот на Сандра Најдановска

Здраво, здраво!

Јас сум Сандра Најдановска, дипломиран инженер по информатика и информациски технологии на ФИНКИ и поранешен VFX артист. По 6 години поминати во VFX индустријата и со почетокот на пандемијата следуваше мојата одлука за промена на кариерен пат. Ислушав академија за UX Design Specialist и во тој момент во мојата приказна влезе iborn, или пак јас влегов во приказната на iborn 😊.

Еве ме после 1 месец како UI/UX design практикант да ги споделам моите импресии за тоа како е да се биде Ibornian. Првите денови од праксата ми поминаа во запознавање со Redmine, пишување кориснички сценарија, имплементација на Material Design во кориснички интерфејси и следење курс за запознавање со Figma, алатка која до тој момент ја немав користено. Уште на самиот почеток ми беше доделена задача да дизајнирам корисничко искуство и интерфејс за систем за предвидување на откажување хотелски резервации. Најголемиот предизвик во целиот процес е да заборавам на сопствените вкусови како дизајнер и да се ставам во чевлите на персоната за која го градам искуството и интерфејсот, со цел да дојдам до разбирливо и интуитивно решение кое персоната ќе може лесно да го користи. Во изминатиот месец и ден денес, имам честа блиска соработка и комуникација со мојот ментор Михаил кој ме насочува во правец на размислување, ме подучува на dos and don’ts и ме охрабрува во развивање нови идеи. Ќе го издвојам вторничкиот состанок на UI/UX тимот како состанок од големо значење за мене бидејќи тие час, два се можност да се запознаам со проектите на моите колеги со поголемо искуство, нивниот начин на работа, да добијам конструктивни критики, да исцрпам инспирација, а можеби и да придонесам со некоја идеја.

Тоа е накратко за мојата работа до овој момент, а сега малку импресии и за тимот. Трудот да се остане во комуникација и блиска соработка помеѓу сите Ibornians при remote работење е за пофалба. Кафе паузите во среда, петочните after work забави (за кои ќе се потрудам да присуствувам во наредниот период), придонесуваат секој новодојден да се чувствува добредојден. Задолжително е да се спомне и iborn радио емисијата на која еден понеделник ја имав честа да бидам гостинка, и можам да кажам дека тој еден час разговор со Ангела и Жељко го доживеав како многу интересно и позитивно искуство.

И за крај на постов… Live long and prosper! 😊