Дневникот на Елеонора Монева

Здраво на сите!

Јас сум Елеонора Монева и сум четврта година студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии на насоката Компјутерски технологии и инженерство. После завршувањето на третата година од моите студии одлучив дека е време да започнам со градење на мојата кариера и искуство во ИТ секторот. Поради тоа аплицирав за практикантска работа во ИБОРН и сум пресреќна што ја добив шансата да станам дел од тимот на оваа компанија.

Поради ситуацијата во која се наоѓаме, мојата пракса се одвива од дома. Секако и тоа има свои бенефиции, но се надевам дека наскоро ќе ја имам шансата да работам во канцелариите на ИБОРН и да се запознаам  со сите вработени и со атмосферата на еден работен ден таму.

Првиот месец ми помина со запознавање на технологиите со кои ќе работам како Redmine, Bitbucket, Git и со надополнување на моите знаења од областа на SQL, ASP.NET, Entity Framework следејќи неколку курсеви и изработувајќи веб апликација паралелно со следење на курсевите.

На почетокот на вториот месец, со мојата менторка Дона одлучивме дека сум спремна да изработам апликација која ќе може да се искористи од страна на  ИБОРН на која што моментално работам. Секојдневно се соочувам со нови задачи и предизвици, кои ги надминувам со поддршката која ја добивам од мојата менторка, која во секое време е тука да ми помогне и да ме насочи. По завршување на овој проект, се надевам дека мојата практична работа ќе продолжи со работење на некој од реалните проекти на ИБОРН.

Мојата мотивација и знаење секојдневно растат работејќи во ИБОРН и се надевам на продолжување на мојата кариера во оваа компанија.