Jovana at iborn

Дневникот на Јована

Ако сакаш да го тестираш својот максимум во врска со твојот капацитет за примање нови вештини, знаења и технологии, тогаш iborn.net е вистинското место за тебе. Иако во претходниот месец размислував дека одредени работи се невозможни, сепак се покажа спротивното. Така, јас во рамките на третиот месец бев изненадена од капацитетот на ново знаење со кое се здобив како практикант во оваа компанија.

По завршувањето на курсот за SpringBoot, јас како што веќе знаете, започнав да работам на реален проект. Средбата на прв поглед не беше пријателска, а и природно е да биде така, бидејќи за толку краток период веќе ја добив можноста да видам како функционира реалниот свет на програмерите. За разлика од стандардните факултетски испити, каде што тоа што ќе го постигнеш е единствено за тебе, работењето на реалниот проект е дијаметрално спротивна работа. Има неколку сличности бидејќи сепак учиш за себе и тоа знаење ќе можеш да го употребиш и во некој друг проект, колку и некогаш да сметаш дека е непотребно, меѓутоа разликата е дека носи одговорност, бидејќи тоа што ќе го сработиш има значење и за другата страна, клиентот за кого всушност креираш. Стравот од непознатото и малата паника беа видливи кај мене.

Првите неколку дена поминаа во многу истражување и црпење дополнителен материјал, кој би ми помогнал кон постигнување на својата цел, решавање на повеќе од стотина Junit тестови. Почнувајќи од “најлесните” тестови па линеарно градирајќи кон следното ниво, сфатив дека со вистински труд и напор, дури и нештата кои мислиме дека се невозможни знаат да не изненадат. Мојот успех беше видлив по неколку дена напорна работа, но немаше да биде возможен без смиреноста и помошта на мојот ментор, но и на колегите од тимот на Травиа. Целото искуство ми покажа дека квалитетот на софтверот е всушност клучна компонента во развојот на професионален софтвер. По совладувањето на оваа задача, во последните денови од месецот дојде време да започнам со курс за уште една нова технологија, но овој пат од сферата на фронт-енд технологиите. Преку курсот за Ангулар и изработката на неколку апликации во рамки на курсот, научив како да се поврзе позадината на апликацијата со нејзиниот поглед и како на корисникот да му се овозможи вистинско пријатно искуство. Корисникот секогаш ја гледа само сликата која му е прикажана, а тоа го овозможува позадинскиот дел кој е всушност клучниот играч.

Овој месец беше испреплетен со многу различни ситуации, а сите резултираа со еден заеднички завршеток. Знаењето кое ќе го инвестираш во самиот себе е најдобрата одлука која што можеш да ја направиш за тебе како личност, но и за твојот тим. Тимската игра овозможува побрз пат до успехот. Затоа овој месец беше посветен токму на тоа.