Jovana at iborn

Дневникот на Јована

Веќе два месеци сум дел од тимот на iborn.net. Како што минуваат деновите, така се повеќе разбирам дека монотонијата во оваа компанија навистина не постои, бидејќи секој ден е поразличен од претходниот. Обично во нашиот инженерски свет, најлесно е кога ќе успееш да смислиш или пак пронајдеш одреден патерн, а од тој момент знаеш дека работите се одвиваат по тој редослед. Јас својот патерн не успеав да го пронајдaм, бидејќи го нема и вака е уште повозбудливо. Иако месец Март е подолг од оној претходниот, навистина времето поминува брзо кога се забавуваш и кога денот е исполнет со активности.

Месецот започна со обврски кои доаѓаат уште од претходниот месец, односно со курсот за Spring Framework. Во првата половина од месецот, го комплетирав курсот и своето теоретско знаење го применив во пракса, така што успешно ги завршив своите апликации, SpringPetClinic – ветеринарна клиника и SpringRecipeBook- книга за рецепти. Двете апликации се доста различни една од друга, меѓутоа се спојуваат во една битна точка, а тоа е идејата прераснува во реалност. Успешното изработување на апликациите беше продукт на активно следење на курсот, дневна доза на StackOverflow и останати форуми за програмирање, редовни консултации со мојот ментор Злате, но и огромна помош од поискусните колеги од iborn.net.

По завршувањето на овој дел од праксата, јас за прв пат започнав да работам на реален проект и станав дел од практикантскиот тим на Godo. На прв поглед, мојата прва средба со Godo не беше најпријателска, особено кога од сите страни добивав сигнали за грешки, предупредувања и стотина ситуации на исклучоци. Од грешките се учи и тие се составен дел од патот кон успехот. За мене, ова беше навистина голем чекор, бидејќи работењето на реален проект носи навистина многу одговорности но и нови искуства. Добив задача да работам на backend делот од проектот, каде што мојот фокус е на Unit тестирање и обезбедување на сигурност дека претходно напишаниот код ги задоволува сите поставени барања. На овој начин го надградив своето знаење, со тоа што научив како апликацијата се однесува во одредени ситуации, длабинско барање на проблемот и изнаоѓање на решенија кои се оптимални.

Покрај високата доза на тестови и обврски, бев дел и од саемот за пракса и вработување Контакт, на кој заедно со своите колеги го претставивме iborn.net во вистинското светло, како компанија полна со почитување, хармонија и знаење. Кога веќе се спомнува почитта, целиот месец Март беше во знак на неа, а како жена во таканаречен машки свет навистина ме радува дека во iborn.net има само свет во кој е сместен тимот. Доаѓањето на пролетта и убавото време расцутија и многу дружби по работното време, а во следниот месец да расцутат уште поголеми и позабавни
предизвици.