Jovana at iborn

Дневникот на Јована

Здраво! Јас сум Јована и сум најмладата практикантка во компанијата iborn.net. Како студент во последна година на студии и наскоро иден информатички инженер, за мене од огромно значење е целокупното знаење кое го стекнав во овие три години да го преточам во креативни решенија кои би се имплементирале во секојдневниот живот. За таа цел, решив активно да започнам со потрага на студентска пракса која би ми овозможила да изградам огромен успех во својата понатамошна кариера.

Пресреќна сум бидејќи сум дел од тимот на iborn.net и искрено изминатиот месец беше навистина нешто ново за мене. Дојдов во средина каде што не познавав никого, меѓутоа за краток период успеав да се запознаам со моите нови колеги и да дознаам нешто повеќе за нив. Во iborn навистина има работа и простор за прогрес, а јас тоа го почуствував уште од привот ден. Компанијата нуди неколку различни технологија, вклучувајќи различни типови на front end и back end технологии, а секој практикант ја има шансата да одбере на која од овие технологии ќе се насочи. Тука го имав и својот најголем проблем. Изборот беше помеѓу две технологии кои се тотално различни, од една страна Drupal, технологија која за прв пат ја слушнав дента кога започнав во iborn и SpringBoot Java, технологија која што на крајот одлучив да ја изучувам.

Во првите недели од месецот, имав најосновни задачи и обврски кои што секој кој што дошол во компанијата ги има поминато, од изучување на работната околина на Redmine, до креирање и запознавање со BitBucket моделот. Откако завршив со овие задачи, започнав со изучување на курс
за SQL, кој за брзо го совладав бидејќи скоро имав предмет на факултет па самиот курс ми беше како повторување на веќе претходно научениот материјал. Веќе во последната недела од месецот дојде на ред и курсот за Spring Framework, во кој досега научив многу интересни концепти, а со
секое ново поглавје од курсот, се повеќе ми се продлабочува знаењето. Во рамките на овој курс, моја задача е да креирам своја Web апликација наречена Spring Pet Clinic и која ќе биде вид на онлајн клиника за животни.

Месецот ми помина навистина многу брзо, од една страна можеби заради фактот дека и вториот месец од годината е навистина краток, но голема улога имаше и тоа што деновите ми беа исполнети со многу нови предизвици и задачи. Работната атмосфера и менторскиот однос од поискусните колеги е тоа што најмногу ми се допаѓа, а со задоволство влегувам во вториот месец од својата пракса спремна за уште поголеми предизвици.