Здраво !!!
Заврши мојот втор месец во Iborn, па ајде да направам краток осврт на претходните 4 работни недели! Овој месец завршив во целост со курсот кој го следев за Angular и продолжив со уште една нова технологија, која беше навистина интересна за совладување ASP.NET MVC и .NET API.
Можам да кажам дека овој месец ми помина навистина брзо со оглед на фактот дека паралелно со следење на курсот ги изработував и сите вежби кои беа дадени и чекор по чекор работев на една тест апликација. По завршувањето на овој курс, во договор со мојот ментор Мартин започнав со изработка на самостојна апликација Survey app во која требаше да го имплементирам и извежбам целото знаење добиено од следењето на претходните курсеви за Angular и .NET.
Започнувањето од буквално нула при имплементацијата на целосна апликација за мене беше навистина забавен предизвик. Овој процес вклучуваше различни работи вклучувајќи: осмислување на дизајнот и потребните ентитети околу кои ќе се фокусира апликацијата, градење на базата на податоци преку креирање на моделите на серверската страна, имплементацијата на сите контролери кои манипулираат со API повиците испратени од фронтенд-от, па се до дизајнот и градењето на апликацијата на фронтенд, имплементација на сервиси кои испраќаат HTTP повици и сл.
На крајот на овој месец успеав да ги имплементирам сите CRUD операции за некои од поважните ентитети и продолжив кон дизајнот на останатите доменски модели. Целиот процес беше забавен и предизвикувачки од проста причина што правев многу грешки и самиот момент на наоѓање на тие грешки и пропратното учење нови работи додека се обидував да си ги средам “проблемите” беше од исклучителна важност за мене. Во контекст на тоа е и пораката која ја добив на еден од часовите по Business English во форма на fortune cookie порака: “The expert in anything was once a beginner”, па така се надевам дека од сите грешки кои ги правев овој месец, многу научив и дека тоа ќе ми користи во иднина.
Во овој месец исто така и супер се забавував. Во јануари со останатите колеги од Iborn бевме на мини тим билдинг во Маврово каде што супер се забавуваме и имав прилика да ги запознаам вработените во едно поинакво светло.
Се надевам дека наредниот месец ќе ми биде уште поинтересен и дека апликацијата на која работам успешно ќе се развива.
