Elena at our offices

Дневникот на Елена

Здраво, јас се викам Елена и од пред два месеци сум дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство на ФИНКИ.

По конечното финализирање на моите студии сметав дека за успешен почеток на мојата професионална кариера, освен завршување на регуларната, задолжителна пракса на факултет, потребно ми е уште едно практикантско искуство со кое уште подобро ќе се запознаам со тоа што вистински значи да се биде софтверски инженер во една реална работна околина. Па така, пред нешто повеќе од еден месец преку неврзан разговор со мои пријатели и колеги на факултет дознав за одличните услови кои ги нуди компанијата Iborn за секој практикант и веднаш речиси и без двоумење аплицирав.

По кратко време успешно поминав на интервјуто кое беше прилично опуштено, а во исто време и професионално и започнав со мојата пракса во околина за работење каква што отсекогаш сум посакувала. Во изминатиот месец започна една фаза во мојот живот во која се запознав со начинот на кој функционира една модерна, софтверска компанија, организацијата, технологиите кои се користат, проектите на кои работат останатите колеги како и сите предизвици со кои се соочуваат.

Уште првиот ден дискутиравме за потенцијалните технологии кои ќе треба да ги совладам за да можам понаттаму успешно да се приклучам на некој од моменталните проекти и така беше договорено дека ќе следам програма составена од неколку делови:

  • Запознавање со алатката Redmine и начинот на кој се водат проектите
  • Запознавање со Git системот за верзионирање и подетално учење на git моделот за разгранување кој се користи во Iborn
  • Бази на податоци и SQL querying
  • Angular
  • .NET

Во текот на првиот месец можам да кажам дека поминав голем дел од зацртаната програма вклучувајќи: читање на документации за Redmine и Git, следење на туторијали за истите, креирање на сопствен github account и вежбање на истиот, учење на функционирањето на TortoiseGit, поминување на туторијали и предавања за бази на податоци, паралелно изработување на сите вежби, завршување на задача за креирање на ER дијаграм, база со табели и query-ња за конкретен use-case и во завршна фаза сум на изминување на Angular курсот и изработка на апликацијата Recipe cookbook.

При завршување на моите задачи, мојот ментор Мартин беше постојано достапен за комуникација и ми помагаше секој пат кога ќе имав некој проблем како и дополнително ми ги објаснуваше сите концепти кои не ми беа јасни. Паралелно присуствува на часовите за Business English кои ги организира компанијата, преку кои го усовршував моето знаење на англиски јазик и присуствував на неформални дружби со колегите. За овој еден изминат месец во Iborn пријатено сум изненадена од одличните услови во кои вработените тука ја поминуваат работната недела, од пријателската блискост и комуникација која постои меѓу сите, од начинот на кој сите вработени ме прифатија и професионалниот пристап кон работата, како и соработката која постои меѓу сите колеги.

Се надевам дека во наредниот месец во целост ќе го завршам курсот за Angular и ќе продолжам со курсот за .NET а потоа успешно ќе се вклучам во некој од проектите во компанијата и ќе можам да придонесам со своето стекнато знаење.