Се викам Сара и моментално го завршувам последниот семестар на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство- ФИНКИ. Пред точно 1 месец почнав со практикантство во IBORN.NET, а денес ја завршувам втората фаза од самостојниот проект на кој што работам. Во изминатите месец дена почна една нова фаза во мојот живот, во која што се запознав со начинот на организација на една фирма, што значи да се биде софтверски инженер, кои се предизвиците кои ги носи оваа професија. Од тимот на IBORN добив топол пречек и уште од првиот ден работната атмосфера и амбиентот ме мотивираа да го дадам максимумот од себе.
На првиот ден добив onboarding процедура во која беше наведена програмата што требаше да ја поминам и совладам пред да почнам да работам на самостоен проект во кој ќе ги применам дотогаш стекнатите знаења. Програмата се состоеше од неколку целини, односно: – ASP.NET MVC framework – Entity Framework – Databases and SQL querying исто така запознавање со project management платформата на IBORN, RedMine и командите на Git и Git Branching моделот кој се користи во IBORN. Со претходно скромно искуство, ја завршив програмата за 3 недели. Додека ги слушав понудените туторијали, паралелно и практично ги извршував сите дадени вежби.
Од кога завршив со слушање на сите туторијали, мојот ментор Антонио Малевски ми ја објасна идејата за изработка на самостојниот проект. Се работи за web апликација слична на системот RedMine каде вработените на некоја фирма ќе можат да креираат проекти, да креираат тикети и да се гледа времето потрошено на истите со цел подобро менаџирање. Во проектот треба да ги искористам сите претходно стекнати знаења, а последната фаза од проектот е UI-от за кој ќе користам React.js, технологија која не беше предвидена во програмата, а треба да ја совладам во последната фаза. Се надевам дека успешно ќе ја завршам и последната фаза од проектот и се радувам на сите нови предизвици кои ме чекаат во иднина, бидејќи имам огромна желба да истражувам, да учам нови технологии и константно да го усовршувам моето знаење во овие области.
