Дневникот на Марија Блажевска

На страна од сите работи кои се изучуваат на факултет, потребата од практична работа е неопходна при градењето на секоја кариера.

Како студент на ФИНКИ, досега сум се среќавала со школски задачи од повеќе технологи кои се користат при програмирање на софтвер. Меѓутоа не сум имала можност да заглавам во реален проект, кој вистински ќе ми го покаже мојот степен на знаење. Мојата летна пракса првично е наменета за да ми даде патоказ кон она што во иднина би сакала да го работам, но исто така и за да ги надоградам моите досегашни знаења и вештини.

Со цел да ги остварам моите замисли, ова лето сакав да го поминам на пракса во компанија од ИТ секророт, каде што има убава работна атмосфера и луѓе кои би можеле да ми помогнат. На мое големо задоволство мојата апликација за летна пракса во ИБОРН беше прифатена, па на 11 јули 2016 година ја започнав мојата пракса.

Како практикант во ИБОРН во моментов сум задолжена со неколку задачи кои што водат кон остварување на моите очекувања од летната пракса.

Тие се следниве:

  • Имплементирање на нова функционалност на страната НајдиДом.мк која би одредувала каква е околината од аспект на образование, здравство, места за прошетка и дружење и слично поединечно за секое населено место;
  • Следење на онлајн курсеви за HTML5, CSS3, Bootstrap и JavaScript со цел да може да ја извршам горенаведената задача;
  • Објавување на постови за продажба или изнајмување на недвижнини на фан страните на НајдиДом.мк;
  • Креирање на блог постови за практичната работа и задачи на останатите практиканти во ИБОРН.